Пожарот што доцна вечерва го зафати трговскиот центар „Глобал“ стана тема за вербална пресметка на социјалните мрежи. Наместо поддршка за тимовите на струмичката противпожарна служба, како и екипите коишто дојдоа на помош, најчестите коментари беа со навредлива содржина. Ова ги вознемири семејствата на пожарникарите, па реагираа дека сограѓаните не покажуваат ниту минимална почит за луѓето кои ги жртвуваат животите во вакви сериозни пожари.
Не изостанаа и редовните политички препукувања, но и теории на заговор за причините за пожарот. Без било какви почетни информации или докази, можеа да се читаат претпоставки дека пожарот е подметнат, намерно предизвикан поради оштета и слични измислици.
Мета на злобни коментари беа и граѓаните коишто беа присутни на местото. Тие беа критикувани дека „фаќаат сеир“, иако голем дел меѓу нив беа сопственици на дуќани или вработени во трговскиот центар.
Заклучокот по оваа долга и напорна вечер за струмичките пожарникари и оштетените сопственици е дека социјалните мрежи не се место каде може да се добие поддршка, сочувствителност или емпатија.