Синоќа, во рамките на „Гевгелиско културно лето“, на платото пред Народниот театар- Гевгелија, беше отворена Завршната изложба на ликовни дела, творени од четириесетте деца кои беа дел од Летната ликовна школа при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија во периодот од 1 до 15 јули. На изложбата беа претставени детски цртежи со различни техники на сликање како: акварел, темпера, колаж, гваш и неколку експериментални техники, под менторство на раководителот на Летната ликовна школа, ликовен уметник м-р Александар Јанев.
– Пред Театарот, боите на природата ги дополнивме со шарените цртежи на вредните деца кои покажаа исклучителен талент и вештини за сликање, збогатувајќи го знаењето за ликовната уметност. На тој начин, ја постигнавме и нашата цел, Летната ликовна школа да биде забавно-едукативна училница за време на летниот распуст, на која децата од општина Гевгелија ќе го поминат своето слободно време во дружење и сликање. Нивната имагинација да ја пренесат на хартија, а на крајот тоа да биде презентирано пред очите на јавноста, истакна наставникот,магистер Александар Јанев.