Синоќа во спортската сала „Млаз“ во Богданци се одржа Велигденски концерт на фолклорниот ансамбл „Мегдан“ од Богданци.
Концертот беше во духот на 1900 години, како потсетување на фолклорот но и почетоците на модата од тој период во овој град.
На репертоарот се најдоа изворни, градски песни но и стилизиран фолклор.
Во образложението за идејата за настанот м-р Марика Лисичкова забележува:
„Жената во Богданци отсекогаш внимавала на својот изглед. Женската облека во Богданци во XIX век била градска. Се состоела од украсно женско палто опточено со природно крзно од лисица, здолниште со широк набор, кошула, капела, каврак, спалето, ракавите украсени со кошула и чипка, раскошен фустан кој изобилувал со голема ширина, а со едно име наречен ѓ’н’л’к.
Ѓ’н’л’кут бил изработен од материјали како кадифе, свила, тантели, брокат, сатен, коприна, а додатни украси биле ѓердани, обетки, прстени кои ја надополнувале убавината на облеката. Чевлите биле елегантни со ременчиња, во склад со облеката.
Ваквата облека во Богданци се должи на трговските поврзувања со Солун – Париз, и затоа Богданци честопати бил именуван како „Мал Париз“. Кога жената требало да се подготви за некоја свеченост или свечен настан, останала синтагмата „Кој ѓ’н’л’к д’ гу ублечам?“ Ѓ’н’л’кут бил одлика на богатите семејства, со што се изразувал и нивниот статус во општеството. Сиромашните носеле поскромна облека, но никогаш селска носија.
Мажите секојдневно биле облечени во банавреци, кои се од влијанието на Турската империја, кошули, шубара, но не го прифатиле фесот како составен дел на облеката. За свечени прилики носеле костум, кошула, елек, а на главате шапка, додека чевлите биле елегантни.
Влијанието на Турската империја, Солун и Париз, придонеле оваа облека да го добие називот А ла Турка и А ла Франга.