Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, шефот на Делегацијата на Европската унија, Самуел Жбогар и претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс ја отворија Конференција: ,,За секое дете, семејство” посветена на заложбата на Владата до 2020 година да се стави крај на сместувањето на деца под 3-годишна возраст во големи институции.
Конференцијата е во организација на Министерството за труд и социјална политика заедно со УНИЦЕФ и на неа учествуваа околу 300 учесници кои разговараа околу начините за забрзување на оваа најавена реформа на Владата на РМ, стои во информацијата од министерството.
Имено, податоците на УНИЦЕФ покажуваат дека околу 250 деца во Македонија, од кои 70 се на возраст под три години, го немаат правото да живеат во семејна средина. Токму тоа е и целта, да се изнајдат начини за обезбедување услови за секое дете во земјата да расте во безбедна и грижлива семејна средина.
Конференцијата е можност да се проговори и за превентивните активности и поддршката на биолошките семејства, развивањето на нови форми на згрижување, развивањето на системот на згрижувачки семејства, за инвестиции во подобрување на квалитетот на алтернативни решенија за грижа преку нивна стандардизација, вложување во рана детекција и рана интервенција, и вложување во самите деца преку зголемување на инвестициите во предучилишното образование и раниот детски развој.
Во таа насока, и меѓународниот експерт, проф. Кевин Браун од Универзитетот во Нотингем, Британија и претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс одржаа презентации за ефектите од институционалното згрижување врз раниот детски развој, врз основа на најновите сознанија во неврологијата, психологијата и педијатријата во светот.
Во своето обраќање министерката за труд и социјална политика Мила Царовска потенцираше дека:
,,Институциите не го даваат ефектот на развој и грижа за децата. Оваа конференција ќе ја заокружиме со јавна заложба дека ќе останеме посветени на оваа реформа и дека ќе создадеме услови- децата од 0-3 години до 2020 година повеќе да не се сместуваат во облиците на институционална заштита. Бидејќи секое дете е важно и бидејќи секое дете треба да расте со топлина, љубов и грижа од друго човечко суштество”, рече Царовска.
,,Многу добро разбираме дека сместувањето дете во институција има непосредно и штетно влијание врз развојот на детето.“ рече г. Самуел Збогар, шеф на Делегацијата на Европската унија и додаде:
„Европските насоки за транзиција од институција кон грижа на ниво на заедницата нагласува дека кога станува збор за многу мали деца, дури и краткотрајното сместување во институција може негативно да влијае врз развојот на мозокот и да има последици врз емотивната благосостојба за цел живот“.
Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс потенцираше неколку итни работи што треба да се направат.
„Треба да направиме три итни работи; прво треба да работиме со здравствениот систем и со системот на социјални услуги за да го спречиме напуштањето на децата на самиот почеток, второ треба да го подобриме и да го прошириме сместувањето во згрижувачки семејства и посвојувањето. Трето, за децата кои не можат да останат во своето биолошко семејство треба да воспоставиме мали групни домови во кои колку што е можно повеќе ќе се реплицира семеен начин на живеење.“
Панелистите, пак, од Словенија, Црна Гора, Србија и Грузија – земји кои успешно воспоставија одржливи алтернативи на институционалното згрижување во заедницата споделија практични поуки од регионот кои вклучуваат напори за спречување на напуштањето, воспоставување иновативни услуги во заедницата и алтернативни решенија за децата, со посебно внимание врз потребите на децата со попреченост, како и ресурсите за одржување на реформата.
Водејќи се според принципот дека „Секое дете е важно“, заложбата на Владата значи обврска да се обезбедат услови за секое дете во земјата да расте во безбедна и грижлива семејна средина.