Ѓорги Николов и Џоко Шуклев од Стојаково реставрираа „рено 4“ старо 40 години и тргнаа за Франција да го прошетаат Азурниот Брег но и да земат учество на автосаемот на олдтајмери и ексклузивни возила во Монте Карло, Монако. Делницата од речиси 2.200 километри од Стојаково, до Ница на Aзурниот Брег планираат да ја возат три дена со мали одмори кај пријатели од поранешните југословенски републики. Тие својата авантура ја започнаа утрово и веќе се во соседна Србија
Возилото Рено 4 е произведено 1978 година и на него Николов и Шуклев работеле два месеци. Целосно го опремиле и тестирале за далечни дестинации. За враќање на животот на ова возило потрошиле 4 илјади евра
„Пред извесно време реставриравме олдтајмер за еден германски сопственик, па понесени од емоциите решивме да создадеме еден олдтајмер за нас со кој би направиле турнеја до Франција, заради што одлучивме да биде ‘рено 4’ кое своевремено беше доста култно. Целта ни е да докажеме дека и во Македонија има влубеници во стари возила на кои може да им дадат живот“, вели Шуклев за порталот Сакам да кажам во чиј автокозметички сервис „Про-кар“ се реставрираше возилото.