Социјалната зграда во Берово крие тажни приказни. Во цврстата градба на објектот всушност живеат кревките приказни на нејзините станари. Вакви две тажни животни стории стигнале и до Фондација Елеуса. Едната за тешката егзистенцијална состојба на петдетно седумчлено семејство, а другата за самохрана мајка која живее со своето дете со посебни потреби. И тоа нивното, било баш живот меѓу четири ѕида, живот без шпорет, без бојлер, без мебел, со еден стар и крцкав кревет, но жилава верба за подобро утре.
-Ние најпрвин чувме за тешката ситуација на петчленото семејство. И кога отидовме да направиме увид со тоа што може и што треба да помогнеме, го запознавме и второто семејство на самохраната мајка. За тоа ги информиравме волонтерите на Елеуса, и голема благодарност на сите донатори, граѓани кои донираа и апарати за домаќинство, мебел. Фондација Елеуса од сопствените резерви надополни со постелнина, покуќнина, облека, за помош на овие две семејства, велат од Фондација Елеуса.
Фотографиите кои ги добивме ја покажуваат неизмерната среќа која извира од нивните срца и се преточува на нивите лица. Но, тие тоа самите најдобро си ги опишаале своите чувства, испраќајќи пораки за благодарност.
-Ние нашата работа ја правиме и тежнееме да биде согласно евангелските принципи на нашиот Христос. И затоа благодарноста кон нас, никогаш нѐ ни е приоритет. Но, понекогаш, да не речеме охрабрувачки, туку радосно ни звучат зборовите кои стигаат до нас. Овојпат детски зборови кои во својата едноставност ја кријат целата Евангелската вистина: „Многу му фала на Бога за сѐ, што ни даде толку радост, на сета мака да заборавиме. Многу сме среќни“. Ова ни го напиша едното дете откако ја примија донацијата. А тука се крие целата христијанска мудрост, а тоа е секогаш благодарност кон Бог, кој Ни покажа дека секогаш кога наместо кон себе ќе погледнеме кон ближниот и ќе му дадеме пред сѐ Љубов, тогаш за него маката престанува и почнува радоста, раскажуваат од Фондација Елеуса.
Оттаму потенцираат дека надежта која со себе го носи раѓањето на Богочовекот треба да се роди во секое срце, а топлината на празничната радост да допре до сите.