„Добрите вести се предвесник дека овој тежок период има крај и заедно ќе успееме да надминеме. Се радувам за сите оздравени пациенти, за нивните семејства и најблиски. Се надевам дека сѐ почесто ќе слушаме добри вести. Благодарност до целиот медицински персонал кој даде сѐ од себе да им помогне, како и до пациентите и нивните семејства за соработката, дисциплината и трпеливоста“, порача министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук, пренесе Макфакс.
Претходно надлежните информираа дека со денешните оздравени 21 лице, досега имаме оздравени вкупно 200 пациенти.Од денешните оздравени 16 се од Скопје, 3 од Куманово и 2 од Штип, сите се лекуваа во домашни услови.
Во изминатите 24 часа потврдени се 18 нови случаи на ковид-19 ( Скопје – 2, Куманово – 9,
Штип – 2, Тетово – 2,Велес – 1, Гостивар – 1 и Пехчево – 1).Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 1225 лица.
Во изминатото деноноќие направени се 263 теста.
Починати се тројца пациенти позитивни на Ковид-19. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина една пациентка од Лабуништа на 46 годишна возраст, примена на 29 март, а подолг временски пердиод била на механичка вентилација, и еден 71 годишен пациент од Прилеп, лекуван на клиниката од 15 април.Во ГОБ „8 септември“ почина пациентка од Куманово на 63 годишна возраст, хоспитализирана во тешка состојба на 6 април и веднаш поставена на респираторна машина.