Слободни капацитети во болниците има, тврди министерот за здравство, Венко Филипче, според кого не секој апел за помош објавен на социјалните мрежи е вистина.
Тој посочува дека притисокот врз здравствените работници е голем, но дека план за функционирање е направен и за идниот период. Во однос на евентуални рестрикции, Филипче смета дека засега нема потреба бидејќи, според него, мерките што сега се донесени, ќе дадат резултати.
„Во секој момент и сега има слободни болнички кревети. Апелите за помош што и ние ги гледаме на мрежите, со секој случај одделно стапивме во контакт и прашуваме каде имало проблем. Не секој случај е вистина. Многу луѓе на своја рака одат и се лекуваат во приватните болници. Во сите болници во државата, освен во Струмица и Куманово, има слободни болнички кревети. Не само на инфективните одделенија, туку и во интерните, кои се пренаменети. Во Скопје се хоспитализираат на интерните клиники, каде што има доволен број слободни кревети. Огромен е притисокот, но со ова обезбедување кревети, системот на ротацијата, кадарот, сосема сме обезбедени и за периодот што доаѓа. Во овој момент сè уште нема потреба да се менува системот ‘Мој термин’. Но, спремни сме и за тоа, не само за да се обезбедат доволен број сместувачки капацитети туку и за обезбедување на кадарот. Кадарот е преоптоварен. Потребна им е поддршка на здравствените работници и високо ниво на свест“, рече Филипче.
Во однос на високото ниво на смртност, Филипче вели дека тоа е така насекаде во светот. За третманот на пациентите, вели дека е идентичен и во приватните и државните клиники.
„За секоја форма на болеста има соодветна препорака. Матичните лекари знаат која е индикацијата за да се сместат пациентите во болничка установа. Смртноста е голема насекаде во светот. Засега сметаме дека мерките се сосема доволни, рестрикцијата за забрана за групирање ќе даде соодветни резултати, ако се почитува. Засега нема да има полициски час“, додаде Филипче.
Доколку има потреба од евентуални нови рестрикции, министерот посочи дека тоа може да бидат рестрикции во одредени региони и прекинување на меѓуградскиот и меѓуопштинскиот превоз. Но, како што рече, засега нема потреба од тоа.
извор: Макфакс