Училиштата должни да спроведат онлајн настава за оние кои се во изолација
Од вкупно 240 илјади ученици кои се со физичко присуство во моментов во државата, активни случаи на ковид од почетокот на учебната година се 0,2 проценти. Во текот на вчерашниот ден дијагностицирани се нови 50 ученици позитивни на ковид, односно 0,02 проценти, рече денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска во одговор на новинарско прашање.
Таа напомена дека доколку се појави каква и да е потреба или аларм од епидемиолошката служба или од Комисијата за заразни болести, Министерството е подготвено директно да се префрли на следен модел кој ќе биде препорачан, а трите модели се донесени и утврдени од Влада во соработка со Комисија за заразни болести.
Прашана колку ученици во моментов се во изолација министерката посочи дека како министер не е надлежна да зборува за бројка на изолирани, но информираше дека во основното образование околу 2 отсто од учениците следат онлајн настава, а во средно образование, околу 7 проценти.