Американскиот претседател, Трамп, го нарече Џон Болтон лажго кој го прекршил законот, како одговор на непријатните обвинувања против претседателот, детално објавени во претстојната книга на неговиот поранешен советник за национална безбедност, пренесува „Њујорк пост“.
„Тој е лажго. Сите во Белата куќа го мразеа Џон Болтон “, изјави Трамп за „Волстрит џурнал“.
Книгата на Болтон „Собата каде што се случи тоа“, која раскажува за неговото време во Белата куќа, треба да биде објавена на 23 јуни. Во книгата, меѓу другите критични анегдоти и приказни од Овалната соба, се тврди дека Трамп го притиснал кинескиот претседател Шји Џјинпинг да му помогне во реизборот.
Во друго интервју кај Шон Ханити во „Фокс њуз“ во среда вечерта, Трамп повторно беше прашуван во врска со тврдењето на Болтон дека побарал политичка помош од кинескиот лидер. Трамп одговори дека никој не бил построг кон Кина од него.
Трамп исто така рече дека Болтон го прекршил законот со објавувањето содржини што се високо класифицирани.
„Тој немаше одобрение за тоа“, рече Трамп за Болтон.
Трамп жестоко го критикуваше Болтон и во серија твитови веднаш по полноќ во четвртокот.
„kнигата на чукнатиот Џон Болтон е премногу здодевна (Њујорк тајмс) и е составена од лаги и лажни приказни”, напиша тој. „За мене зборуваше сè најдобро додека не го отпуштив. Незадоволна здодевна будала која сакаше само да оди во војна. Никогаш немаше поим, беше избегнуван и среќно отфрлен. Какво ѓубре! “
Белата куќа максимално се потруди да изврши притисок врз Болтон и неговиот издавач „Сајмон и Шустер“ да не ја објавуваат книгата. Администрацијата на Трамп се обиде со тужба да го блокира објавувањето, а Трамп предупреди дека Болтон може да се соочи со кривични пријави.
извор: makfaks