Судија за извршување санкции го одби барањето на осудениот бизнисмен Сеад Кочан поради болест да се одложи извршувањето на затворската казна, соопшти денеска Основниот кривичен суд. Кочан има право на жалба на оваа одлука до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд и по правосилноста на одлуката тој е должен веднаш да се јави на издржување на затворската казна.
„По добивање на целокупната медицинска документација неопходна за одлучување по барањето за одлагање на извршувањето на затворската казна на еден од обвинетите во конкретниот предмет, како и разгледување и ценење на истата, на 19.07.2019 година донесе решение со кое барањето се одбива како неосновано. Решението е веќе доставено до странките во постапката кои имаат право на жалба до Кривичниот совет, а по правосилноста на решението осуденото лице е должно веднаш да се јави на издржување на затворската казна“, се вели во соопштението на судот.
На 15 јули беше одбиено првото барање на Кочан за одложување на извршување на затворската казна. Судија за извршување санкции на 20 јуни донесе решение Кочан да се јави во казнено-поправна установа на 17 јули на издржување на затворската казна. Тој е правосилно осуден на 4 години и 8 месеци затвор во предметот на СЈО „Труст“ за добивање на незаконски тендер од 2011 година распишан од државната фирма „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола.