Одбојкарската федерација на Македонија ја доби организацијата на Балканското првенство во одбојка на песок кое оваа година ќе се одржи во струмичко Ново Село, пренесува Спортспорт.мк. На Генералното собрание на балканската одбојкарска асоцијација кое се одржа во Софија, Бугарија, ОФМ беше претставувана од претседателот Јовановски и генералниот секретар Карановиќ.
На состанокот беа одредени сите домаќини на балканските шампионати во младите возрасни категории. Македонија ќе биде домаќин на БП во одбојка на песок за играчи до 22 години. Натпреварите во машка и во женска конкуренција ќе се одржат во текот на летните месеци, а покрај натпреварувачи од Македонија на овој настан ќе се појават и одбојкарски двојки од репрезентациите на Косово, Молдавија, Романија, Турција и Србија.
БВА организација на Балканското првенство за играчи до 20 години (мажи) и ја довери на Србија. Во оваа возрасна категорија женскиот шампионат ќе се одржи во Албанија.
БП во категорија до 18 години (жени) ќе се одржи во Албанија, а дополнително ќе се одреди домаќинот во машка конкуренција. БП за играчи до 16 години (мажи) ќе се одржи во Грција, додека женскиот шампионат во оваа возрасна категорија засега се уште нема домаќин.
ОФМ се пријави за настап со репрезентации на Балканските првенства до 20 и до 18 години и во двете категории (мажи и жени).
Извор: спортспорт.мк