Преку креативни изработки учениците од струмичката гимназија го одбележаа „Денот на ретките болести„. Под мотото “ Покажи ја својата реткост”, СОУ “Јане Сандански” од Струмица, активно се вклучи во одбележувањето на Денот на лицата со ретки болести 2018. Преку боите и логото на “Ретките” тие испратија порака за подигање на свеста и грижата за овие лица, надевајќи се дека ќе допре до секое срце и таму каде што е најпотребно.
Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста за постоењето на ретките болести. Од почетокот на неговото одбележување во 2008 година, се организираат илјадници настани низ светот. Кампањата започна како европски настан и со текот на времето стана глобален феномен со учество на 94 земји во 2017 година. Во Република Македонија околу 400 пациенти заедно со нивните семејства се соочуваат со ретки болести и ги водат овие битки макотрпно низ лавиринтите на нашите институции, борејќи се да им овозможат нормален живот на нивните најмили. Денес во светот 300 милиони луѓе се соочуваат со некаков вид на ретка болест, а има над 6.000 различни дијагнози.