Веста за исчезнатата подморница „Титан“ и трката со времето на спасувачката операција сѐ уште ги држат вознемирени луѓето од целиот свет. Имено, во неделата, на 18.6.2023 год., американската крајбрежна стража прими повик од командниот брод на подморницата „Титан“ што содржеше информација дека е изгубен контакт со подморницата на околу 900 милји (1.450 километри) источно од Кејп Код, Масачусетс. Речиси оттогаш американската морнарица почна масивни операции за спасување. Операциите за пребарување се отежнати поради подводните планини и долини, поради притисокот на водата во длабоките мориња и поради временските услови. Повеќе од пет дена по потрагата, има само неколку индиции за локацијата на „Титан“. За споредба, областа за пребарување е двојно поголема од американската држава Конектикат – во води длабоки 4 километри.
Извршниот директор на „Оушн гејт“, Стоктон Раш, чија подморница „Титан“ исчезна за време на експедиција до потонатиот брод „Титаник“, во поранешно интервју изјавил дека експертиза не е потребна, затоа што секој може да управува подморница со конзола за видеоигри од 30 долари. Медиумите сега откриваат дека компанијата одбила да го подложи „Титан“ на независно тестирање и отпуштила директор што барал поригорозни безбедносни тестови.