Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека ќе нема никакви казни за граѓаните кои до февруари 2024 нема да ги сменат личните документи со Северна Македонија. Во моментов, првиот слободен термин за вадење нови документи е во декември. Граѓаните се мачат да најдат термин оти не работи телефонската линија за закажување 072 929-292.
Министерот Спасовски вели дека работат во две смени и во сабота за да може да се одговори на сите барања, а во наредните денови ќе се разговара за нови предлози како да се релаксира системот.
„Секако дека фреквенцијата е зголемена, но тоа не е случај само оваа година, туку беше и минатата. Ако направиме споредба, до 2019 година најголемата побарувачка била во јуни, јули, август и таа не надминувала повеќе од 22-23 илјади барања за промена. Минатата година за истиот период имавме околу 50.000 барања за промена на лични документи. Како што наближи летото и годишните одмори, има и зголемена фреквенција. Во овие денови барањата опаѓаат. Никој нема да биде казнет ако до февруари не извади документи со новото име на државата“, рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на промоција на кошаркарско игралиште во полициски центар „Ѓорче Петров”.
www.sdk.mk