Советот за етика во медиумите го осуди нападот на новинарската екипа на Канал Вис, кои вчера беа навредувани и им беше забрането снимање на јавна седница на општина Ново Село. Во денешното соопштение Советот за етика повика да се преземат неопходни мерки за расчистување на ваквите настани, особено кога новинарот е спречен да информира за теми од широк јавен интерес, како што беше случај на вчерашната седница на која се расправаше за одлука за референдум за отворање рудници.
Затвореноста на институциите, организациите или функционерите не може да биде метод со кој ќе се спречува известувањето за теми и прашања од интерес на јавноста, се вели во соопштението на Советот за етика.
Осуди за настанот упати и Здружението на новинари, кое што смета дека однесувањето на градоначалникот Блажо Велков и советникот Божин Јованов е недолично, бидејќи со спречување на медиумите да снимаат го оневозможуваат информирањето на граѓаните, чии избраници се тие.
Градоначалникот Блажо Велков и’ забрани на екипата на канал Вис, кои што известуваат за Канал5 и Телма да го снимаат неговото излагање за рудникот кај Иловица. Откако новинарката и снимателот се спротивставиле, тој ја прекинал седницата а советникот Јованов почнал да ги навредува и пцуе.
„Седницата си течеше и во еден момент градоначалникот крена рака за да земе збор и ми рече да ја исклучам камерата бидејќи не сака да го снимам. Јас се спротивставив, а тој ми рече дека сме кај него и тој ќе каже дали ќе снимам или не. Дури не’ праша кој не’ повикал воопшто за да бидеме присутни на седницата,“ рече Кире Пиличев снимател за канал Вис и Телма.
Откако настанала расправијата се вклучил и советникот на Вмро Дпмне, Божин Јованов, којшто на новинарката Стојне Митева и’ упатил навреди и ја опцул.
Откако новинарската екипа си заминала, советот ја продолжил седницата и едногласно изгласал одлука за референдум за рудникот Иловица.