На огласите за доделување над три хектари земјоделско земјиште ќе нема веќе несериозни апликанти кои на електронските наддавања нудеа многу големи суми, но потоа не склучуваа договори затоа што немаа никаква обврска и ги спречуваа сериозните инвестиции.
„Со предложените измени на Законот за земјоделско земјиште ставаме ограничување да неможе никој да си дозволи да врши електронско наддавање како ќе му текне, а притоа да нема никаква обврска. Ги обврзуваме, ако се понуди каква било сума, а не се склучи договор, за да не стои земјиштето со месеци и со години, државата да има право на надомест на штета во износ од едногодишна закупнина што ја понудиле. На овој начин ќе ги отстраниме несеризоните апликанти кои заради блокада на инвестиции на луѓе кои навистина сакаат да инвестираат прават такво електронско наддавање“, рече денеска на прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
За новината ќе има кампања за да се има во предвид за претстојниот оглас со којшто ќе бидат на располагање 15.000 хектари земјоделско земјиште.
Со законските измени, се овозможува при електронско наддавање за земјоделско земјиште од над три хектари доколку прворангираниот не го склучи договорот тоа да може да го направи второрангираниот.
„Таква можност немаше досега. На тој начин ја забрзуваме постапката односно да нема повторување бидејќи се соочивме со ситуација кога буквално одредени јавни огласи неможеа да се реализираат две години само заради пречките во законот“, рече Николовски.