Децата од Центарот „Мајка Тереза“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби во Гевгелија подготвија приредба во чест на “ Декември, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Ги пречекаа своите родители, наставници, градоначалникот на општината, советници и другите присутни во Народниот театар. Притоа, порачаа:
-Секој човек има право на љубов, право на грижа, право да сака, право да се дружи и право на убав живот. Сите луѓе не се исти, секој човек е различен, со своите посебности но секој човек, сепак е човек и секој има право да ни каже здраво.
На приредбата отец Димитар Ташев, кој трета година раководи со центарот Мајка Тереза во Гевгелија, истакна:
-Не е важно да правите големи дела, туку да правите мали дела со голема љубов“, рече на почетокот на своето обраќање. Овие деца денес ни упатуваат порака дека заслужуваат насмевка, прифаќање, љубов и прегратки. Тие се денес тука пред вас за да ни кажат дека иако се деца со посебни потреби, и тие се дел од ова општество. Тој истакна дека во јануари 2020 година завршува проектот „Центар Мајка Тереза“, финансиран од Реновабис и италијанскиот Каритас, но центарот ќе продолжи и натаму да функционира, благодарејќи на новиот проект кој е подготвен и прифатен за наредните три години, благодарејќи на овие донатори, но и благодарејќи на новиот, помошен простор доделен од општина Гевгелија кој веќе се реновира, како и на многубројните донатори.
Во програмата зедоа учество и корисниците на Центарот „Мајка Тереза“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби од Гевгелија, децата од градинката „Детска радост“ и од основните училишта „Владо Кантарџиев“, „Ристо Шуклев“ и „Климент Охридски“, како и танчерите од групата „Мистик денс“. Одбележувањето беше збогатено и со изложба на изработки на лицата со посебни потреби.