По седми пат струмичките гимназијалци го одржаа хуманитарниот новогодишно-божиќен концерт. Педесетина учесници на сцената, солисти, оркестар и танцувачи ги исполнуваа најголемите хитови на кралот на поп музиката- Мајкл Џексон.
Многу труд се вложи, децата работеа три месеци на хитовите на кралот на поп музиката, Мајкл Џексон, па се надевам дека публиката уживаше во нивните изведби, рече Анита Станковска, професор по музика.
Повеќе од еден час траеше концертот на средношколците, кои празничниот настап го замислиле како мултимедијалното шоу и на него работеле неколку месеци.
Оваа е една обемна и прилично тешка тема, оркестарот кој што го предводев вежбаше четири месеци за да го покажеме целиот производ пред струмичани, рече Денис Кирчанов, професор по музика
Вклучена беше и танцова група, која според професорката Полина Ашикова се формирала на иницијатива на учениците.
Концертот на гимназијата Јане Сандански, традиционално се подготвува со Младинскиот совет на општина Струмица. Оваа година средствата од продадените влезници, како и донираните пари се за лекување на Никола Новоселски, кој се наоѓа во коматозна состојба по преживеана тешка сообраќајна несреќа. Потребен му е третман со матични клетки во Русија, за подобрување на здравствената состојба.