Oд денеска и официјално се укинува роамингот помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, но што значи тоа за тие што ќе сакаат да користат интернет надвор од земјата? Од Агенција за електронски комуникации – АЕК велат дека тарифата за сурфање на интернет додека се престојува во овие земји каде што се укинува роамингот, ќе остане иста како и домашната. Тоа значи дека во зависност од тоа каков интернет-пакет имате со својот провајдер во Македонија, по таа тарифа ќе ви се наплаќа и сурфањто во земјите од Западен Балкан.
– Интернетот ќе се наплаќа по тарифа од пакетот што го имате тука. Ако имате пакетот од 20 гига интернет и вие го надминете, како што тука во Македонија би ви наплатиле дополнително, така и во овие земји со кои е склучен овој договор – велат од АЕК за „Факултети.мк“.
„Роаминг како дома“ започнува да се применува од денеска, согласно спогодбата која е потпишана од државите од Западен Балкан во 2019. Од 2019 до сега имаше скалесто намалување на цените на сите услуги во роаминг во останатите држави од Западен Балкан.