Земјоделците се потешко се одлучуваат за осигурување. Иако праксата вели дека секоја година посевите им ги уништуваат снегови, поплави, суши и други елементарни непогоди, земјоделците не го осигуруваат родот од природни катастрофи. Од струмичките осигурителни компании велат дека бројот на склучени договори за осигурување на земјоделските посеви постепено се намалува. Причината, зошто земјоделците не сакаат да одвојат пари за осигурување, не ја коментираат.
-„Повеќе од пет години интересот за осигурување на посевите е намален, но не и изгубен. На што се должи тоа не знам да кажам, можеби земјоделците наоѓаат друг начин да ги заштитат посевите. Најмногу се осигуруваат овошните насади, тутунот и некои раноградинарски култури. Апелираме до земјоделците, навреме да ги осигуруваат посевите за да не се соочат со големи загуби„-вели Ѕвонко Андонов од осигурителна команија.
Слична е и ситуацијата на ниво на државата, вели Ѕвонко Андонов. Според него, годишно се склучуваат околу 2000 полиси за осигурување, што е многу мал број.
-„И на републичко ниво има опаѓање на склучени договори за осигурување на посевите. Таа бројка се движи некаде околу 2000 полиси за осигурување годишно, од кои во нашиот регион е само 20%. Ова е многу мал број на склучени полиси„-додава Андонов.
Државата веќе неколку години наназад субвенционира 60 отсто од трошоците за осигурување на земјоделските посеви.