Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот Перо Костадинов вчера во Валандово го посетија објектот на киносалата која функционира во состав на Домот на културата „25 Мај“ во овој град.
Како што информираат од Министерството, во следниот период ќе биде извршена реконструкција и санација на покривот и на фасадата на објектот.
– Станува збор за проект чија вкупна вредност е околу 17,6 милиони денари. Во реализацијата на проектот, Министерството за култура преку капиталните дотации учествува со 10,2 милиони денари, додека преостанатиот дел од средствата за завршување на проектот ќе бидат обезбедени од буџетот на Општина Валандово, соопштила Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека проектот опфаќа поставување нова покривна конструкција, фасада и плафон, комплетна промена на столаријата, молеро-фарбарски работи во внатрешноста, нов под во салата, под со гранитни плочки во холот, современ кинопроектор, како и опрема за прожектирање.
Според министерката за култура, реализацијата на проектот е од особена важност за остварувањето на заедничките цели од причини што токму единството и соработката се клучни елементи во создавањето одржлива иднина за сите.
Претходно, министерката за култура присуствуваше на отворањето на Младинскиот фестивал „Доживеј ја соработката“ со градоначалникот Костадинов, каде се присутни млади луѓе од земјава и од Република Грција. Таа упати благодарност до градоначалникот на Општина Валандово и до сите вклучени за посветената работа во областа на културата и за заложбите за културен развој на Општината, стои во соопштението.
МИА