• Fri. Nov 22nd, 2024

Реконструирано полициското одделение во Дојран

Со несмален интензитет продолжуваме со подобрување на сите технички и градежни стандарди во МВР како базичен предуслов за нормално и ефикасно работење на полициските службеници, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната посета на јужниот регион, граничниот премин Стар Дојран и Полициското одделение Дојран, на која присуствуваше и градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов.

Таму беше извршен увид во реконструираното полициско одделение, при што министерот посочи дека за релативно кус период биле завршени сите предвидени градежни зафати.

„На овој објект целосно е санирана покривната конструкција, со целата потребна инфраструктура, а од аспект на енергетска одржливост и ефикасност изработена е нова термоизолациска фасада со акрилен завршок на целиот објект и инсталирано е ново парно греење. Покрај ова, целосно е заменета електричната инсталација, санирани и обновени се санитарните јазли, а извршени се и низа други градежни работи надворешно и внатрешно во самиот објект“, потенцира Спасовски.

Тој истакна дека за овие три и пол години реконструирани се 54 објекти, а во моментот интензивно се работи на реконструкција и санација на четири објекти: Секторот за внатрешни работи Куманово, Полициската станица Ресен, Полициското одделение Ростуше во Општина Маврово – Ростуше и војничкиот клуб во касарна „Илинден“ за потребите на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.

извор: Макфакс

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *