Министерката за труд и социјална политика и Родовата платформа реагираат на ставовите на епископот Јаков и професорот андоновски изнесени на трибината „Зошто Не за секусалното образование во училиштата“. Во реакциите министерката се осврнува на Законот за родова еднаквост за кој имаше силни критики од епископот Јаков.
„Предлог законот за родова еднаквост ја унапредува родова еднаквост во општеството, целиме кон општество без стереотипи, враќањето назад е уназадување на општеството.
Креирањето на законски решенија кои имаат за цел унапредување на правата на сите граѓани, согласно потребите на едно современо општество е приоритет и сериозна обврска во работењето на Министерството за труд и социјална политика. Во таа насока, на транспарентен начин, со вклученост на сите засегнати релевантни чинители во општеството се креираат сите законски решенија кои се во негова надлежност“, вели Тренчевска.
Тренчевска тврди дека погрешно е интерпретирана родовата еднаквост.
„Предлог законот дефинира „Пол“ како биолошка и психолошка карактеристика врз основа на кои луѓето се дефинираат како жени или мажи, додека „Род“ е социјална конструкција која ги подразбира општествените својства и можности што се поврзуваат со тоа да се биде женско или да се биде машко“, додава Тренчевска.
Реакции имаше и од Родова платформа, тие сметаат дека трибината е мешање во секуларноста на државата.
Со ваквото делување МПЦ уште повеќе се етаблира како организација која шири мизогинија и се залага за зачувување и реафирмирање на подредената улога на жената во општеството. Епископот оди дотаму што го оспорува самиот термин родова еднаквост! Оттука, логично произлегува заклучокот дека според црквата мажите и жените не се еднакви, па не треба да се донесуваат закони кои ја гарантираат нивната еднаквост.
Идејата дека жените и мажите не се еднакви е во коренот на тврдењето дека борбата за родова еднаквост претставува наметнување на идеологија, наместо природно и уставно гарантирано право на секој човек. Идејата дека родот и полот се бинарни и дека, според тоа, луѓето припаѓаат само на една или на друга категорија (маж или жена), е основата врз која се гради идејата за родова нееднаквост, за дијаметралната спротивност на мажите и жените и за централната улога на мажот во општеството – наспроти помошната улога на жената која се дефинира преку репродуктивната функција.
Венко Андоновски: Не можете да ги релативизирате поимите на доброто и злото