• Fri. Nov 22nd, 2024

Пронајдена Пикасовата „Дора Мар“

Холандскиот детектив Артур Бранд, кој бара изгубени или украдени уметнички дела низ целиот свет, ја пронајде Пикасовата слика вредна 25 милиони евра „Портретот на Дора Мар“.

Сликата е украдена од јахтата на саудиски шеик на француското крајбрежје во 1999 година.

Бранд рекол дека ја предал сликата од 1938 година на осигурителната компанија на почетокот од месец март.

Пронаоѓањето на „Портеретот на Дора Мар“, една од највлијателните љубовници на Пабло Пикасо, претставува кулминација на дваесетгодишната потрага по сликата украдена од луксузната јахта „Колаен остров“, која била закотвена кај градот Антиб.

Две децении по кражбата и без никакви сознанија каде се наоѓа, француската полиција била збунета и се стравувало дека портретот кој висел на ѕидот од куќата на шпанскиот мајстор се’ до неговата смрт во 1973 година, е засекогаш изгубен.

Но, по четиригодишна истрага која водела низ холандското криминално подземје, двајца посредници се појавиле пред вратата на Брандовата куќа во Амстердам со исчезнатата слика.

„Тие со себе го имаа Пикасо, сега вреден 25 милиони евра. Сликата беше завиткана во ќесе за ѓубре“, рекол бранд за медиумите. Во времето на кражбата џликата вредела околу 7 милиони долари.

Ова е уште еден успех на Бранд, кој минатата година успеа да му врати на Кипар украден мозаик стар 1600 години.

Бранд беше во центарот на јавноста во 2015 година, откако ги пронајде „Хитлеровите коњи“, дело на нацистичкиот скулптор Јозеф Торак.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *