Денеска, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа доделени договорите за неповратна финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра, за инвестиции на земјоделски производители на храна од животинско потекло, од Програмата за мали производители.
Ова е нова програма која е воведена за прв пат, како една од клучните промени во реформата за поддршка на малите производители. Договорите се со вкупна вредност од 8. милиони денари, наменети за развој на сточарското производство, за инвестиции во опрема, основни средства и услуги кои имаат за цел остварување на додадена вредност во примарното производство, развој на производи со традиционални карактеристики и зголемување на конкурентноста, како и развој на семејни бизниси од областа на производство на храна од животинско потекло.
„Предноста на оваа финансиска поддршка е авансната исплата, што значи дека сите добитници на грант, веднаш по потпишување на договорот, во рок од 10 дена ќе ги добијат парите, со кои треба во рок од 45 дена да ја набават опремата за која аплицирале. Целта е преку финансиска поддршка да се помогне на малите земјоделски стопанства, на малите фарми, да ги зголемат капацитетите и со тоа да си го зголемат приходот и да изградат сопствени брендови” изјави министерот Николовски.
Поддршката на министерството за развој на сточарството е континуирана. Во изминативе пет години направивме многу за сточарите. Во 2019, нашите бачила за прв пат добија струја од фотоволтаични панели. Во 2020 донесовме Правилници за продажба од куќен праг, со што им овозможивме легално од фарма да ги продаваат своите производи и да остваруваат приход. Во 2022 овозможивме рекордна набавка од околу 4000 грла високо педигриран добиток, со висок генетски потенцијал, со што помогнавме во обновување на сточниот фонд со високомлечни раси. Годинава започнавме многу значаен процес за легализација на фармите.
Со тоа ќе им помогнеме на земјоделците да го легализираат својот имот, со што ќе бидат во можност да ги обноват своите капацитети или да изградат целосно нови. На тој начин ќе станат поконкурентни и ќе им го отвориме патот за зголемен пристап до сите мерки и политики на министерството, но пред се до ЕУ фондовите и ИПАРД програмата.
Како никогаш досега има редовна, навремена и брза исплата на субвенции за разлика од 2017 година, кога сточарите имаа задоцнети девет фази на неисплатено млеко, а годинава за само шест месеци за сточарството се исплатени 1,3 милијарди денари. Нема доцнење и нема заостанати долгови. За прв пат оваа година ќе започнеме со авансна исплата на субвенциите од реколта 2023. Земјоделците ќе добијат авансни 30% до крајот на годинава.
„Малите производители ќе останат во фокусот на нашите политики, ќе ги поддржиме да растат и да го зголемуваат производството, младите да останат во државава и тука да ја градат својата иднина. Затоа сме посветени на поддршка за малите фарми, младите и жените” подвлече министерот Николовски.
Министерот Љупчо Николовски, заедно со заменик министерката Вјолца Бериша ги доделија договорите и им честитаа на сите добитници на грант, им посакаа побрзо да ја набават новата опрема и заедно да продолжуваме да го модернизираме домашното производство.