Од вчера граѓаните можат да проверуваат дали се во групите коишто ќе добијат државна помош во висина од 6.000 денари преку веб страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk.
Парите ќе ги добијат на сметка граѓаните со ниски приходи, пензионери кои имаат до 15.000 пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници. Овој пат, а поради потребата од брза реализација на мерката и заштеда на време потребно за печатење на платежни картички, мерката ќе се реализира преку исплаќање на средства на постоечка трансакциска сметка на граѓаните кои веќе поседуваат сметка во банка и дебитна картичка за користење на средствата од истата.
За граѓаните кои немаат трансакциска сметка во банка, средствата ќе бидат исплатени на трансакциска сметка која ќе треба да ја отворат кај една од банките која склучила договор со Владата, при што во овој случај банките ќе треба да издадат дебитна картичка од причина што примената финансиска поддршка може да се користи исклучиво со употреба на дебитна платежна картичка. Значи, банките ќе им издадат картичка на тие кои немаат.