Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, потпиша Меморандум за заедничка соработка во рамки на иницијативата за формирање „Организација за управување со дестинација“ преку Програмата „ЕУ за општините“ за промоција на туристички потенцијали.
Имено, Општина Гевгелија заедно со општините во Вардарскиот и Југоисточниот Плански Регион: Велес, Градско, Демир Капија, Кавадарци, Лозово, Неготино, Росоман, Чашка, Богданци и Валандово, потпишаа Меморандум за разбирање со француските организации Alsace Destination Touirsm i Association Alsace- Macedoine со цел развивање висок потенцијал за различни видови туристички активности за вмрежување и поврзување со донатори, граѓански организации и приватни компании, како што се: вински и културен туризам, пешачење, велосипедизам, риболов, здравствен туризам и др.
Градоначалникот Сарамандов, на вчерашното потпишување на Меморандумот, изрази благодарност до д-р Клаус Рихтер, тим-лидерот на Проектот: „ЕУ за општините“ за поканата на настанот, неговиот ангажман и успешна соработка, истовремено ги сподели впечатоците од посетата на Регионот Харз во Германија, со цел учество во Проектот и размена на искуства. Исто така, го изрази и своето задоволство што Општина Гевгелија ќе биде дел од создавањето организација за промоција на туризмот и промовирање на регионалните потенцијали во Југоисточниот Регион.
На потпишувањето, му претходеше работилница предводена од експертите Марк Леви, генерален директор за туристички дестинации во областа „Алзас“ во Франција, Жак Шлиф, почесен конзул на Северна Македонија во Франција и Ане Синдик, поранешна директорка на Агенцијата за регионален развој на округот Дубровник-Неретва, Хрватска.
Досега, Вардарскиот и Југоисточниот Плански Регион имаат добиено разновидна поддршка од повеќе донатори за теми поврзани со развојот на туризмот.
Регионот беше дел од Проектот за локална и регионална конкурентност во туризмот (ПЛРК), финансиран од Европската Унија (ЕУ). Извештајот за евалуација на Проектот ја нагласува важноста од формирање на регионална „Организација за управување со дестинација“ (ОУД) во овој регион за да се зголеми неговата видливост на национално и меѓународно ниво и да се искористат синергиите меѓу локалните актери.