Името, презимето и адресата на која ќе се спроведува изолацијата на сите граѓани што ќе добијат позитивен резултат на ПЦР-тестот во било која овластена лабораторија во државава, од денеска ќе се објавуваат на веб страницата на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Наместо со печатење хартии, доставување на решенија за изолација споровозно, нешто кое што им одземаше и време и ресурси на здравствените инспектори, од денеска на сила стапува нов начин на доставување на решенијата за изолација. Ќе се смета дека од моментот кога името презимето и адресата на граѓанинот позитивен на ковид-19 ќе биде објавено на страницата на ДСЗИ, тој го примил своето решение за изолација. Новиот начин на доставувањето на решенијата за изолација, синоќа помина и на владина седница.
Решенијата за изолација од денеска ќе бидат објавувани на веб страницата на ДСЗИ, а еднаш неделно групно ќе бидат објавувани и во Службен весник, со што ќе се смета дека се издадени. Единствените податоци што ќе се содржат во објавите ќе бидат името, презимето и адресата на која што ќе се спроведува изолацијата, податоци што самите пациенти ги дале при тестирањето во лабораторијата.
Министерството за внатрешни работи, на ист начин како и до сега, ќе ги добива овие списоци уште пред ДСЗИ да ги објави, така што контролата од страна на МВР нема да биде променета.
Веќе нема да се куцаат решенија за изолација рачно туку само доставата ќе биде различна. Колку време ќе биде во изолација пациентот зависи од неговиот матичен лекар и симптоматологијата. ДСЗИ нема евиденција кој од позитивните ќе биде без, а кој со симптоми.
Преку системот „Мој Термин“, секој кој прележал ковид-19, од страницата „вакцинација.мк“ ќе може да го симне сертификатот за прележаност и тој ќе му служи секаде каде што законски му е побаран.
Според владината одлука, измената се воведува поради зголемениот број на граѓани за кои се определува мерката изолација и поради намалениот број на денови за изолација а со цел брз проток на информациите, намалување на временската разлика меѓу моментот кога е констатирана потребата за изолација, издавањето на решението за изолација и неговото објавување. Потврда за објавено решение за самоизолација може да биде издадена и за потребите на Основното јавно обвинителство или друг јавен орган со надлежност за увид во решенијата за изолација.