Во Охрид денеска официјално ќе биде отворен самитот на регионалната иницијатива Отворен Балкан, на кој ќе присуствуваат претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерите на Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, како и претставници од Црна Гора и БиХ.
Како што е најавено, на самитот ќе бидат потпишани повеќе договори и меморандуми за соработка во областа на високото образование, туризмот, културата и даночните служби.
Гостин на самитот на кој присуствува како набљудувач е црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, кој ја поддржа иницијативата Отворен Балкан.
Гостин на самитот е и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија.
На официјалното отворање на самитот денеска, покрај премиерот Ковачевски ќе се обратат и српскиот претседател Вучиќ и Рама, како и Абазовиќ и Тегелтија, еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, соопшти македонската Влада.