Општина Струмица финансиски го поддржа проектот „Имам право да знам што денес јадеше моето дете“
За градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица, децата секогаш биле на врвот на приоритетите. Посебно здравјето и квалитетот на живеење на децата во детските градинки секогаш имал континуирана поддршка. Потврда за тоа е и финансиската поддршка на проектот „Имам право да знам што денес јадеше моето дете“ која на предлог на градоначалникот Заев ја потврди и Советот на општина Струмица. Станува збор за пионерски проект кој овозможува директно вклучување на родителите во подобрувањето на исхраната на децата во градинките.
-При планирањето на оброците за децата, многу е важно истите да се правилно составени и персоналот кој ги планира и подготвува да ги познава начелата на професионални прехранбени препораки со карактеристиките за исхрана на децата. Токму поради ова треба да направиме напори учеството во безбедноста при подготовката на храната во градинките да го прошириме и во пошироката заедница, не само на оние кои имаат професионална должност да го направат тоа. Прехранбените препораки за квалитет на оброците и подготовката на персоналот кој учествува во планирањето и подготвувањето на здрави и урамнотежени оброци нека биде одговорност на сите нас, рече Латина Стаменкова дипломиран инженер технолог од Лотос консалтинг, носител на проектот, а на средбата со родителите кои покажаа интерес за вклучување во проектот.