Денес одбележуваме 121 години од еден од најтажните денови во македонската историја, од оној 4.мај 1903 година во кој загина апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев. Настан кој одекна како гром од ведро небо и низ македонските села и градови, но и на страниците на европските и светските весници и списанија.
Згаснувањето на животот на најголемиот македонски син ја зави татковината во црно, а македонската почва беше натопена од солзите на младо и старо, на машко и женско, на сите оние кои будни сонуваа за ослободување од петвековното отоманско ропство, а токму во ликот на Гоце Делчев ја гледаа најголемата можност тој нивен сон да се претвори во јаве.
Многумина, во различни периоди од нашата историја, се заслужни за тоа слободарско сонце, но се чини дека Гоце Делчев се наоѓа на највисокото место од пиедесталот на македонскиот непокор.
Токму затоа, името на Гоце Делчев и неговото дело, треба да ги чуваме како наше најголемо богатство.