Одгледувачите на јагниња се жалат на ниските откупни цени. Ваквото свое незадоволство го искажале на средбата во ресорното министерство од каде што побарале дополнителни субвенции со кои ќе ја покријат разликата меѓу производната и пазарната цена.
Одгледувачите побарале оние сточари кои што се влезени во системот на контрола за исплата на субвенции, да имаат побрза постапка за исплата на субвенциите.
Од Министерството велат дека по завршувањето на откупот на јагне ќе се анализираат податоците од терен и по завршувањето на вториот круг на претстојните претседателски избори МЗШВ ќе излезе со соодветно предлог решение, со цел сточарите да не трпат загуби од сопственото производство. Во меѓувреме, секое здружение до МЗШВ ќе испрати пополнет прашалник за сите трошоци што ја формираат производната цена, истата ќе се спореди со анализите на МЗШВ со цел да се дојде до реална производна цена, за да може да се подготви соодветно решение за одгледувачите на овци.
Претходно, и откупувачите на јагне оствариле средба со ресорното министерство. Не очекуваат проблем со пласманот на јагнето.
Позитивно ја оцениле иницијативата што се спроведува преку Агенцијата за храна и ветеринарство за попис на бројот на овци и кози, која што е во тек, потенцирајќи дека резултатите ќе бидат од исклучителна важност за креирање на политиките за овчарството, врз основа на точни бројка на овци, за која што во моментов сметаат дека не е релевантна.
Според податоците од АХВ, во декември 2018, извезени се 2.897 јагниња или 33.509 килограми. Оваа година извезени се 16.533 јагниња или 173.427 килограми.