• Sat. Nov 23rd, 2024

Одбележана 115-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев

Општина Струмица денеска ја одбележа 115-годишнината од загинувањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев. Пред споменикот на Делчев на истоимениот плоштад беше положено свежо цвеќе, а за неговиот живот и дело зборуваше градоначалникот Коста Јаневски.

-Во долгото историско паметење на Македонија и на генерациите македонски граѓани, 4. мај ќе биде забележан како еден од најтажните датуми во календарот на нашето постоење и опстојување, низ годините и вековите наназад. На тој судбоносен 4. мај 1903 година, Македонија остана без својот најсветол лик, без стожерот на македонската борба и непокор, Гоце Делчев. Долг е списокот од револуционерни имиња и презимиња кои ја задолжиле татковината со своето дело, но се чини дека името на Гоце Делчев го заслужи самиот врв. Неговата кратка, но исклучително богата животна патека, е исполнета со бројни револуционерни стории, кои оставиле неизбришливи траги во македонското минато, за да имаат и свои рефлексии и во македонската сегашност. Токму затоа, животот и делото на Гоце Делчев треба да биде сочувано во нашата колективна меморија и да биде пренесувано од колено на колено, на сите идни генерации кои ќе се родат на ова наше македонско тло, рече Јаневски.

Во чест на Гоце Делчев, рецитатори од домот за деца и млади „Благој Мучето“ рецитираа револуционерна поезија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *