Од први јули почнува вакцинација на децата со две нови вакцини, односно за пневмокок и рота вирус, кои Министерството за здравство ги воведува во редовниот Календарот за имунизација. Владата соопшти дека на вчерашната седница ја прифатила информацијата од Министерството за здравство за прогресот на активностите за реализација на акцискиот план за воведување на двете нови вакцини.
„Во текот на овој месец до службите за имунизација ќе бидат дистрибуирани вакцините за пневмокок и рота вирус, а родителите од следниот месец кои што сакаат да ги вакцинираат децата ќе можат да го направат тоа“, соопшти владата.
Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, вели дека новите вакцини влегуваат во редовниот Календар за имунизација на населението и дека се воведуваат согласно препораките на Светската здравствена организација и УНИЦЕФ. Таа вели дека вакцините се високо безбедни и квалитетни.