Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 5 април изврши вонреден инспекциски надзор во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во врска со заклучоците на Главниот координативен кризен штаб за почитување и примена на протоколите и препораките за употреба на лична заштитна опрема (ЛЗО) од страна на здравствените работници при укажување здравствени услуги согласно нивоата на здравствена заштита и ризикот од КОВИД-19, а со цел спречување на ширење на инфекцијата.
При надзорот во Клиниката е констатирано дека строго се почитуваат препораките за употреба на лична заштитна опрема од страна на здравствените работници, како и соодветната организираност и одржување на клиничкиот објект.
Во извештајот се посочува дека во Клиниката се хоспитализирани само пациенти со инфекција од КОВИД-19 и во моментот на надзорот има вкупно 77 пациенти, од кои на респиратор се 11 пациенти, но и дека има уште слободни респиратори и болнички легла.
При инспекцискиот надзор е констатирано пред влезот кон болничкиот оддел има пулт опремен со дезинфициенси и Лична заштитна опрема (ЛЗО – медицински маски, заштитни маски N95, капи, каљачи, заштитни очила, визири, ракавици, три вида на мантили, скафандери, ПВЦ престилки – сите за еднократна употреба), која се користи во зависност од видот на здравствената услуга што треба да му се укаже на пациентот (преглед, земање брис, интубација, аспирација, аплицирање терапија исл.).
Согласно протоколите за употреба на ЛЗО, во зависност од медицинската интервенција и степенот на ризик, испечатени се протоколи и протоколи во вид на постер се поставени видливо над пултот со ЛЗО.
За време на вонредниот инспекциски надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат е утврдено дека пред влезот во филтер зоната кон болничкиот оддел постојано има лице кое проверува како е облечен здравствениот работник пред влез за работа со пациент.
Со цел максимално да се заштити медицинскиот персонал, комплетно и соодветно облечениот здравствен работник се задржува најмногу два часа во болничкиот оддел и пред да излезе во филтер зоната ја соблекува облеката и ја фрла во корпа за медицински отпад, дезинфицира раце, па оди на миење раце согласно протокол.
Исто така е утврдено дека Клиниката располага со адекватна количина на личната заштитна опрема, која се дистрибуира од централен магацин кон одделите на дневно ниво и по изјавите на вработените лица констатирано е дека секогаш имаат ЛЗО соодветно на потребите.
Воедно покрај пултот со ЛЗО и во филтер зоната пред излез од болничкиот оддел се наоѓа наменска амбалажа за медицински отпад, а се почитуваат и протоколите за невкрстување на чисто и нечисто на ниво на целиот клинички објект.
При извршениот вонреден инспекциски надзор, од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат не се констатирани никакви недостатоци.