Квалитетни проекти за максимално искористување на понудените средства очекуваат централните власти од општините кои ќе аплицираат на програмата за финансирање на проекти за руралниот развој. Министерот Николовски очекува дека руралните средини на овој начин може да решат повеќе комунални и инфраструктурни проблеми.
Со цел поголема искористеност на средствата рокот за аплицирање е продолжен на два месеци и трае до 31 август годинава.
Трите мерки од оваа Програма, „Подобрување на квалитетот на живот во рурални средини“, „Обнова и развој на селата“ и „Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја“, нудат можност за низа капитални инвестиции во руралните средини.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски посочи дека на јавниот повик можат да се пријават Единиците на локаланите самоуправи, Центрите за развој на планските региони, а за мерката 323 „ Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја“ можат да се пријават и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот како и Јавното претпријатие „Македонски шуми“.
Општините имаат можност да подготват проекти за инвестиции во локална патна инфраструктура, мостови, канализациони системи, добиточни пазари, домови за култура во руруалните средини, реконструкција на селски улици, уредување на излетнички места и инфаструктурен пристап до нив, и други инвестиции.