• Fri. Nov 22nd, 2024

Носталгијата ја лекуваат со песна

Новокомпонираната македонска песна се слуша на фестивалите низ државата, на радио и тв емисиите, во кафеана или на некоја веселба. И иако ќе се рече дека таа можеби не ги минува во моментов своите најславни денови, сепак, добрата песна живее и се негува помеѓу љубителите на убавиот македонски мелос. И тука, и отаде границите. Доказ за тоа се музичарите и авторите коишто не’ изненадуваат со некое ново парче музика од европските земји во коишто работат и живеат. Така, барајќи добра народна песна, наидовме на Мераклиска и оркестар Мераклии. Нашинци во Швајцарија. А нивната приказна ни ја раскажа Ване, кој го напишал текстот за песната. Вели дека така ја лекуваат носталгијата и градат нови врски со својата земја, со својот јазик.

Канал Вис: Неодамна на тв канал Вис се емитуваше нова музичка нумера во изведба на оркестар Мераклии, со наслов Мераклиска. Вие се појавувате како автор на текстот. Како дојде до оваа соработка?

Ване Спасов: До соработката со оркестар Мераклии дојде пред три години, кога го запознав првиот челн од групата, Георге Божинов, по потекло од село Босилово. Тој е поранешен член на познатата група Легато од Струмица. Покрај него, се запознав и со другите тројца членови на групата со кои целиот овој период сме добри пријатели.

Така, еден ден, Георге ја сподели со мене нивната замисла да компонираат песна којашто ќе биде и биографска, ќе говори за нашиот животен пат. ЈАс тоа го сфатив многу сериозно, ја увидов нивната желба и го напишав текстот. Тие, пак, дадоа се’ од себе песната да се сними. Така настана песната „Мераклиска“ и многу сум им благодарен за довербата. Бидејќи едно е да напишеш песна, но сосема друго таа да биде прифатена и да се сними.

Канал Вис:  Прв обид ли е овој да напишете текст за музика, и дали воопшто досега сте пишувале?

Ване Спасов: Што се однесува за текст за музика, да. Првпат. Мислам дека тоа се случи поради мојата љубов кон музиката и близината, пријателството со оркестар Мераклии. Се’ тоа заедно ми беше инспирација да ја направам песната. Инаку, оваа песна е и автобиграфска. Иако оркестарот сакаше да биде оваа печалбарска песна, што ќе говори за нивниот пат, на крајот излезе дека тоа е песна и за мене, за сите нас што имаме родители коишто не’ чекаат во родината, загрижени како се снаоѓаме во другите земји каде сме заминале на печалба или пак градиме нови животи.

Канал Вис: Подолго време не живеете во Македонија. Дали преку музиката одржувате врска со родната земја?

Ване Спасов: Од 1996 година живеам во Швајцарија. Последниве години, со интернетот и социјалните мрежи, контактот со Македонија е многу олеснет, едноставен и за брзо време може да се чуеш, видиш. Не е воопшто проблем да се одржува врска со роднините и пријателите. Но сепак, носталгијата останува, и само преку музиката можеме да почувствуваме дека сме блиско поврзани со својата родна земја, и преку звуците на нашата песна да се чувствуваме како дома. И чинам, колку и странски јазици да зборуваме, само низ мајчиниот јазик можеме да си ги доловиме вистинските емоции. Можеби ова е субјективно, но јас така чувствувам. Така мислам.

Канал Вис: Можеме ли да очекуваме некое ново музичко парче во иднина?

Ване Спасов: Нормално, да. Имам неколку песни за кои веќе постојат записи, па се надевам дека наскоро ќе продолжи соработката со членовите на оркестар Мерклии, како и со други исполнувачи од македонската естрада.

На овој линк можете да ја слушнете песната:

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *