Почитувани сограѓани, драги пријатели.
Зад нас останува една година која беше полна со предизвици и неизвесност. Појавата на светската пандемија од Корона вирусот и нејзините последици кои ја одбележаа 2020 година, никој не можеше да ги предвиди, уште помалку пак да ги спречи. Пандемијата не затече и не доведе во ситуација, каква што светската историја не памети. Нејзината појава го наруши тековното работење и функционирање, како на стопанските капацитети, така и на одделни јавни установи. Се промени и нашата работа и работата на Општина Гевгелија. Пандемијата значеше промена на нашите приоритети. Наместо планско работење и остварување на визијата која ја ветивме пред Вас, граѓаните, моравме да посветиме значителен дел од нашите ресурси, финансиски и кадровски, на превенција и намалување на последиците од пандемијата.
Општата атмосфера на неизвесност и несигурност доведе до далекусежни, негативни последици и практично не остави ниту еден сегмент од општеството недопрен. Со жал се присетуваме на нашите драги сограѓани кои jа загубија битката со вирусот. Уште еднаш на семејствата на починатите во името на сите граѓани на општина Гевгелија им изразувам сочувство. На сите оние кои во моментот се борат со вирусот, им посакувам брзо закрепнување. Сакам на сите здравствени работници да им оддадам признание за нивната напорна, посветена и пожртвувана работа. Благодарност упатувам до припадниците на полицијата и армијата, на државните и на општинските служби и вработените во Јавното претпријатие „Комуналец“ за справувањето со пандемијата. Исто така, изразувам јавна благодарност на сите претставници на приватниот и на невладиниот сектор кои демонстрираа високо ниво на свест и општествена одговорност, кои донираа согласно своите можности и ги ставија своите ресурси на располагање за справување со пандемијата.Исто така, изразувам јавна благодарност на сите претставници на приватниот и на невладиниот сектор кои демонстрираа високо ниво на свест и општествена одговорност, кои донираа согласно своите можности и ги ставија своите ресурси на располагање за справување со пандемијата. Сакам да изразам благодарност и почит до сите граѓани кои совесно се однесуваа и продолжуваат да ги следат препораките на здравствените власти. Бидејќи само преку доследно следење на мерките ќе успееме да ги ублажиме и да ги надминеме последиците од пандемијата.
Појавата на Коронавирусот силно ја погоди општина Гевгелија. Поради структурата на гевгелиското стопанство, во кое доминираат туризмот и услужните дејности, каде што се ангажирани значаен дел од вработените во општината. Овие стопански дејности претрпеа големи загуби.Затоа, моравме да се посветиме на ублажување на последиците од пандемијата со мерки донесени, согласно, нашите надлежности. Или, пак, со иницирање средби и активности со надлежните Владини ресори за непосредно запознавање со проблемите на гевгелиските стопанственици и обезбедување на соодветна помош.Паралелно, преку донации и други финансиски извори да обезбедиме дополнителна опрема за здравствениот систем во општината. Ваквите напори и активности и натаму продолжувааат, бидејќи и пандемијата со КОВИД-19 продолжува да ни се заканува.Но, во меѓувреме, успеавме да реализираме повеќе проекти за подобрување на инфраструктурата и на еколошката слика на градот, а со тоа директно да влијаеме на подобрување на квалитетот на живеење и модернизација на општината. Капиталните проекти кои се веќе најавени, продолжуваат со нивната реализација.
Позади нас оставаме една тешка година. Година во која научивме некои важни животни лекции. Нашите приоритети се променија и започнавме да размислуваме за суштината на животот и за она што ни е најважно. Се потсетивме дека животот и здравјето се најважни.
Во овие мигови на празнично расположение, кога ќе го прославуваме доаѓањето на Новата 2021 година и раѓањето Христово- Божиќ да „Празнуваме одговорно“. Во пријатна и домашна атмосфера да ги минеме празниците, со поголема верба и надеж.
Нека Новата година ни ја врати назад нормалноста на нашето живеење и што побрзо надминување на пандемијата.
Среќна Нова година и честит Божиќ!