Во ООУ “Страшо Пинџур” Јосифово, ООУ “Јосип Броз Тито” Валандово и СОУ “Гоце Делчев” Валандово, деновиве се инсталира нова компјутерска опрема со која целосно ќе се опремат новите училници по информатичка технологија. Опремувањето на новите училници е проект за чија реализација се одлучи на граѓански форуми организирани во општина Валандово, во претходниот период.
Форумите беа дел од проектот “Зајакнување на општинските совети” и истите послужија како демократска алатка за реализирања на мислењата и предлозите на граѓаните. Со гласање, учесниците на форумот, за проект кој ќе се имплементира го избраа “ИКТ лабораторија со соодветна хардверска и софтверска опрема и училишен медиум” кој ги опфаќаше трите општински училишта.
За реализација на овој проект, беше предвиден фонд од 50.000 швајцарски франци, обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка, а имплементирани од УНДП.