Во вакви времиња на светска криза ја гледаме важноста на земјоделското производство и субвенциите што ги овозможува државатa, секое слободно земјоделско земјиште ќе биде ставено во функција на домашното производство, околу 12.000 хектари ќе бидат на располагање и објавени преку јавни повици, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во денешното интервју на „Утрински брифинг.
„Министерството подготвува детална програма и преглед на секое слободно земјоделско земјиште коешто ќе биде ставено во функција. Околу 12.000 хектари ќе бидат на располагање и објавени преку јавни повици. За таа цел, се подготвува план како и во кој региони, кои култури ќе добиат предност и фокус. Ги повикувам граѓаните и младите да се ангажираат и да влезат во земјодеслкиот сектор, заради тоа што има серија на мерки преку коишто државата дава поддршка.За секоја рурална жена со новата Програма за рурален развој, државата дава грант од 6.000 евра,за секој млад земјоделец со новите законски измени има 40% авансна исплата со самото склучување на договорите.Оваа земја има природни ресурси коишто треба да ги ставиме на располагање, има пасишта, има земјоделско земјиште, имаме вода, затоа градиме системи за наводнување низ сите региони, нешто што било запоставено во претходните три децении”, изјави министерот Николовски.