Управата за водење на матични книги (УВМК) информира дека донела решение да не се бара изводите од Матичната книга на родени да не бидат постари од шест месеци. Ова беше изјавено откако Порталб.мк го објави истражувањето во кое граѓани се пожалиле, а од Управата потврдиле, дека од нив биле побарани изводи не постари од шест месеци. Со новата одлука, граѓаните кои сакаат да се венчаат, УВМК повеќе нема да ги обврзува да вадат нови изводи, туку службеникот ќе ги проверува податоците од изводите што граѓаните веќе ги имаат. Доколку граѓаните немаат извод, ќе се венчаат само со документ за идентификација, додека службеникот самиот ќе ги обезбеди изводите, известува Порталб.мк.
Согласно Законот за семејство, првиот чекор кога сакате да се венчате е да се изврши упис и записник за венчавањето од страна на матичарот, при што како придружни документи се потребни изводите од матичната книга на родените на лицата кои се венчаваат.
Според новата одлука, во постапката за венчавање повеќе нема да се бара граѓаните да обезбедат изводи од матичната книга на родените, туку тоа ќе го прави матичарот, доколку граѓаните самите не ги обезбедиле претходно. Граѓаните треба само да се легитимираат со документ за лична идентификација, матичарот ги запишува податоците и потоа ги завршува административните процедури.
„Во сите други постапки што се водат во Управата, и каде како доказ мора да се поднесе извод од матичната книга на родените, се прифаќа потврда постара од 6 месеци, само доколку има печат за неограничена важност“, велат за Порталб.мк од УВМК.
Оттаму додаваат дека во УВМК нема да се бараат изводи „не постари од шест месеци“, но дека другите институции имаат свои правила.
„За другите државни институции и правни лица (банки), кои бараат уверенија од граѓани не постари од шест месеци, тоа се правила што тие самите ги поставиле во нивното работење“, велат од УВМК.
Претходно, Порталб.мк спроведе истражување за причините поради која граѓаните се обврзани да поднесат изводи не постари од шест месеци во постапките за УВМК.
Од УВМК потврдија дека изводи не постари од шест месеци бараат бидејќи, како што рекоа, граѓаните ги злоупотребуваат податоците и потврдија дека за тоа дури усвоиле интерна наредба.