Општина Струмица ја поддржува потребата од изработка на Националната стратегија за развој на концептот Едно општество и интеркултурализам за која што денеска се одржа консултативна средба.НА средбата покрај општинските претсавници од повеќе сектори заедно со градоначалникот беше и Едмонд Адеми министер без ресор кој говореше за клучните приоритети кои ќе бидат опфатени во стратегијата, како недискриминацијата и еднаквите можности за сите граѓани во општеството, во однос на сексуалната ориентација, родовиот идентитет, како и спречување на сегрегацијата на лицата со попреченост.
Градоначалникот Јаневски е дециден дека и покрај се, се уште се соочуваме со низа предрасуди, бариери и размислувања кои го негуваат стигматизмот и го поткрепуваат постоењето на оние оддамна изградени невидливи ѕидови меѓу нас. Време е да ги срушиме тие ѕидови, време е да се спротивставиме на таквите појави, време е да научиме повеќе едни за други и повеќе меѓусебно да се почитуваме.
Во согласност со определбата на Владата на Македонија за партнерство со граѓанското општество во процесот на креирање и спроведување политики, како и директно и суштинско учество на граѓанските организации во изготвување на овој стратешки документ, се формираа седум работни групи составени од претставници на институциите и граѓанското општество, кои активно учествуваат во целокупниот процес на подготовка на Стратегијата.
Оваа стратегија опфаќа седум кластери кои ја сочинуваат Стратегијата, а тие се: правна рамка, образование, култура, медиуми, локална самоуправа, млади, општествена кохезија и интеграција.