По саботниот судир со полицијата, незадоволни од медицинскиот третман, затвореници од полуотвореното одделение на затворот Идризово од денеска почнаа штрајк со глад.
Затворениците го најавија штрајкот вчера поради, како што кажаа во отвореното писмо, тешко повредени осуденици на кои наводно не им се укажува лекарска заштита иако имале тешки телесни повреди како последица од полициската акција.
Викендов со судска наредба, полицајци влегоа во Идризово за да извршат претрес во ќелии на одредени осуденици. Околу 60 затвореници се спротивставиле при што настанала тепачка.
МВР соопшти дека при претресот пронашле 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефони и дрога. МВР не откри колку и каква дрога се наоѓала во ќелиите.