Денеска на полноќ истекува рокот во кој компаниите може да поднесат барање до Управата за јавни приходи (УЈП) за финансиска поддршка за исплата на платите за април годинава во износ до 14 500 денари месечно по вработен.
Аплицирањето почна на 1 мај, а до вчера, како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, апликации испратиле повеќе од 19 000 компании.
Со оваа мерка, рече министерот, се овозможува континуитет на работните процеси и се обезбедува основа за редовна исплата на плати и придонеси при што се создаваат сериозни услови за да се зачуваат работните места.
Според последната одлука на Владата, работодавачот што ќе користи мерка за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување не смее да го намали бројот на вработени во април 2020 година, како и два месеци по нејзиното престанување (заклучно со август 2020 година), освен во оправдани услови дефинирани во Законот за работни односи, како пензионирање или откажување на договор од страна на работникот, но не повеќе од утврдениот процент.
Аплицирањето за помош за исплата на платите за мај, пак, ќе трае до 7 јуни.