Вангелија Пандева Гуштерова (31. I 1911 – 11.VIII 1996 година)
Баба Ванѓа или Вангелија Пандева Гуштерова е родена на 31 јануари 1911 (во пасошот е запишан датумот 3 октомври 1911 г., денот кога е евидентирано нејзиното раѓање) во Струмица како слабо девојче на кое името му го дале после два месеци. Родена е во семејството на Пандо Сурчев, а нејзината мајка умира кога таа е многу мала.
Родната куќа на Баба Ванѓа се наоѓа на денешната улица 5 ноември во Струмица. Денес на ова место има изградена куќа која не припаѓа на нејзинита фамилија па и затоа оваа место не е обележано. Во албумите на баба Ванѓа се среќава слика од оваа куќа.
Според раскажувањата на Фимка Гогова Михаилова нејзина комшика и блиска пријателка, Ванѓа живеела во оваа куќа од нејзиното раѓање до 1942 година по што се преселува во Петрич, Република Бугарија. Во 1923 години поради лошите животни услови Вангелица се преселува во Ново Село кај братот на нејзиниот татко и таму живее неколку години. Таму и го губи видот. Од Ново Село во 1925 година заминува за Белград на лекување кое траело до 1927 по што се враќа во родната куќа во Струмица. Ванѓа во оваа куќа ги има направено и првите превиденија. Според раскажувањето на Фимка Гогова Михаилова кои се опишани во нејзинате книги ,,Ванѓа и јас” и „Сведоштвата за Ванѓа“, Ванѓа била многу болна кога имала 18 години. Осум месеци била на постела помеѓу животот и смртта. Нејзините роднини во корито ја изнесувале во дворот за да може да биде на чист воздух и сончева светлина. Оставајќи ја Ванѓа во таква состојба еден ден отишле на црква. Кога се вратиле дома ја затекнале Ванѓа со метла во раце. Иако претходно ја оставиле едвај жива таа го метела дворот. Кога ги видела Ванѓа само им рекла дека дворот треба да биде чист бидејќи наскоро ќе започне војна и нејзината куќа ќе ја посетува многу народ.
Ванѓа стана позната во годините на Втората светска војна, кога Југославија била нападната и распарчена, а Струмица била припоена кон Бугарија. Многу луѓе, верувајќи во нејзината способност, ја посетувале надевајќи се дека ќе дознаат дали нивните роднини се живи или каде загинале. Во мај 1942 година, Ванѓа се омажила за Димитар Гуштеров, со кого непосредно пред бракот се преселиле во Петрич. При издавањето на нејзиниот бугарски пасош јасно е наведено дека таа по националност е Македонка.
Се верува дека околу еден милион луѓе побарале помош од неа. Во 1990-тите, во Рупите била изградена црква со пари оставени од нејзините посетители.
Слепата јасновидка предвидела некои важни настани:
Втората светска војна, бомбардирањето на Белград на 6 април 1941 година, смртта на бугарскиот император Борис, земјотресот во Скопје, смртта на Сталин, распадот на Советскиот Сојуз, Чехословачка и Југославија; катастрофата во Чернобил, нападите на 11 септември, победата на Путин и т.н.
Ванѓа почина на 11 август 1996 година во Софија. Таа била погребана до црквата Света Петка, во селото Рупите.
На Ванѓа постхумно ѝ е доделена титулата почесен граѓанин на Петрич.