• Sun. Nov 24th, 2024

На 19 април струмичкиот театар одбележува јубилеј од 75 години постоење

ByЃ. K.

Apr 15, 2024

Оваа година струмичкиот театар одбележува 75 години постоење. Како дел од скромното чествување на овој јубилеј на 19 април (петок) се закажани: од 19:30 Изложба на театарски фотографии со наслов „75 години НТ „Антон Панов“ од Сречко Гунчев (фоаје) и со почеток од 20:00 Премиера на претставата „ЦРНА ДУПКА“ од Горан Стефановски.

РЕЖИЈА – Љупчо Ѓоргиевски

СЦЕНОГРАФИЈА – Валентин Светозарев

КОСТИМИ – Андреј Ѓоргиевски

КОМПОЗИТОР – Сашко Костов

Играат:
СИЛЈАН – Васил Михаил

СВЕТЛЕ – Танкица Стојанова

САЊА – Анкица Бенинова

ЦВЕТА – Јасмина Вучкова

ТАТКОТО – Кире Ѓоргиев

МАЈКАТА – Елисавета Бончева

ПЕРО – Коста Ангов

АНА – Ангелина Тренчева-Ангелова

МАГДА – Јулија Милкова

МАКСО – Стојан Велков-Трн

МОМЧЕ – Илија Младенов

ДЕВОЈЧЕ – Теодора Арсов

Тешко е кога човек е странец во странство. Но уште потешко е кога човек е странец дома. Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога т’гата не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата.

Горан Стефановски

И неколку години по неговото физичко заминување, пиесите на Горан остануваат голем предизвик за македонскиот театар: провокативни, жестоки, наши! Потпирајќи се врз приказната за Силјан Штркот и давајќи им современ контекст на нејзините мотиви, „Црна дупка“ е постмодерна реплика на нашата традиција. Но пред сѐ е метафора за секое време и секој простор кои, губејќи ја својата смисла, го принудуваат човека да биде вечен скитник во потрага по себеси. Да биде присутно отсутен.

Претставата е истражување на тоа што како изведбен потенцијал го содржи текстот на Горан, на можностите што ги нуди неговата необична и зачудна драматуршка структура. Ритуално-обредната стилизација на претставата е еден од клучевите за нов сценски прочит. А невината детска игра на крајот од претставата – знак дека има трошка надеж. Дека сепак не е сѐ изгубено!

By Ѓ. K.