• Sun. Nov 24th, 2024

Мал број од малите и средни фирми сакаат да работат со странски компании

Малите и средните претпријатија (МСП) во државата се повеќе локално ориентирани и многу мал број од нив сакаат да работата со странски компании. Соработката со странство главно ја реализираат во информатичко комуникациските технологии, а помалку во извоз на производи и увоз на суровини и репроматеријали.

– Само пет отсто од македонските компании извезуваат. Притоа доминираат големите претпријатија. Кај малите и средните оваа бројка е уште помала, а мал е и нивниот удел во извозот. Најголем дел од соработката тие ја остваруваат со компании од Југоисточна Европа, а посебно од поранешните југословенски републики, бидејќи традиционалните врски се најдобри и економиите се меѓусебно поврзани, изјави Виктор Стојмановски, координатор на Европската мрежа на мали и средни претпријатија (ЕЕН).

Според него целта на оваа мрежа е да се оствари бенефит за фирмите, односно нивна промоција надвор од државата, интернационализација на дејноста и изнаоѓање бизнис партнери.

Преку ЕЕН која функционира 11 години во 60 земји, досега склучени се 7.000 деловни партнерства, 44 проценти од фирмите го зголемиле својот обрт, 40 отсто почнале нов бизнис, речиси 50 проценти развиле нов производ, услуга или имплементирале новина во работењето, тројца од четворица клиенти успеале да излезат на нови пазари, а секој четврти дошол до нов бизнис соработник.

ЕЕН овозможила и 2.400 компании да аплицираат за средства од европските фондови.

Според Стојмановски во последниве години кај малите и средните претпријатија зголемен е интересот за соработка, па така годишно ни се јавуваат по 100 до 200 мали и средни претпријатија за користење на нашите услуги.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *