Локалниот совет за превенција денеска ја одржа 14-та работна конференција на која на дневен ред беа ставени три актуелни теми и тоа градење клима на доверба и добросостојба во училиштата, узурпација на јавните површини, тротоарите во градот и истражувањето на тема „Со локални совети за превенција кон подобра соработка“ спроведено од невладината организација Евротинк со која општина Струмица има соработка.
-На претходната конференција беше договорено повторно да ги повикаме директорите на воспитно – образовните институции и педагошките служби коишто се во склоп на државните институции и сите тие денеска заедно присуствуваат и се разговара за проблеми коишто се случуваат во училиштата, како што се говор на омраза, врсничко насилство, булинг и слично. Поконкретно ќе видиме кои институции како си ја извршуваат својата работа, или каде затајуваат одредени информации или проблеми ако се детектирани од педагозите и директорите во училиштата. Генерално во општина Струмица нема проблеми од пошироки димензии, добро е што ги нема и не треба да ги има, меѓутоа ова тело како превенција е алатка којашто не треба да ги решава проблемите кога ќе се случат, туку, да разговараме предвреме за проблеми коишто во иднина би можеле да се случат. Во однос на спроведеното истражување, главната цел е како да да ја подобриме климата или да ги решиме локалните проблеми на граѓаните од општина Струмица. Ова истражување се однесуваше на безбедноста на граѓаните, инфраструктурата, комуналните проблеми и генерално податоците од него се поклопуваат со тоа што ние како Совет го работиме во изминатите 2 години. Чувството на безбедност е големо, значи генерално граѓаните се чувствуваат безбедно, а тие што не се чувствуваат така, како главен проблем за тоа, ги посочиле кучињата скитници, меѓутоа сите знаеме дека општина Струмица има Стационар и овој проблем се решава. Граѓаните изразиле задоволство од службите за брзи интервенции, како што се пожарна, полиција и брза помош, наведувајќи дека се лесно достапни, а побарале и поголемо присуство на полицијата на терен, односно маалски полицајци, за да чувствуваат поголема безбедност, рече Ѓорѓи Аризанов секретар на Локалниот совет за превенција.