Претседателот на Владата Димитар Ковачевски се обрати на почетокот на Шеснаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, што започна и се одржува денеска во Скопје.
„По бројните предизвици на патот кон членство во Европската Унија, Република Северна Македонија, минатата година, со политичка храброст, конечно направи историски исчекор и ги започна пристапните преговори коишто означуваат почеток на нова квалитативна фаза во односите со ЕУ.
И го потпишавме првиот официјален договор со ФРОНТЕКС, на македoнски јазик заедно со останатите 24 официјални јазици во ЕУ, како прв ваков официјален договор меѓу Северна Македонија и ЕУ, којшто е јасна потврда за заштитата на идентитетските одредници.
Овој состанок на Советот има историска димензија, бидејќи по 22 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и 17 години по стекнувањето на кандидатскиот статус, го одржуваме со започнати преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија, како членка на НАТО.
Владата којашто ја предводам и во наредниот период ќе вложи максимални напори за навреме да ја заокружиме и отворачката фаза од пристапните приговори и да овозможиме динамизирање на преговорите”, порача премиерот Ковачевски.